Марка денеска ќе го прогласи Меси за најдобар во историјата на фудбалот

Мадридскиот весник Марка, познат по својата поврзаност и приврзаност со Реал, денеска ќе го прогласи Лионел Меси за најдобар фудбалер на сите времиња.

Свеченоста ќе се одржи на Чејс стадионот на кој игра Интер Мајами, а признанието на аргентинскиот ас ќе му го предаде директорот на Марка, Хуан Игнасио Гаљардо во присуство на сопственикот на клубот од Флорида, Хорхе Мас. Шпанскиот весник неодамна направи листа од шестмина фудбалери кои оставиле длабока трага во историјата на фудбалот, но првиот меѓу нив е Лионел Меси.

„Меѓу најголемите шестмина, секој има извонредни резултати и забележа незаборавни натпревари. Но, Меси освои најмногу од сите останати и затоа ќе биде прогласен за најдобар меѓу најдобрите“, напиша, меѓу другото, Марка.

Аргентинецот е рекордер по бројот на освоени трофеи во историјата на фудбалот со 46, има најмногу Златни топки (8) и најмногу Златни копачки (6).

Зад него во рангирањето останаа Кристијано Роналдо, Јохан Кројф, Диего Марадона, Алфредо до Стефано и Пеле.