„Семејна“ кавга во Реал поради Лука Модриќ

Хрватскиот репрезентативец Лука Модриќ и на 39 години е еден од најзначајните играчи во тимот на Реал Мадрид.

Поради него, како што тврдат шпанските медиуми, дури избила кавга во стручниот штаб, меѓу таткото и синот Анчелоти, Карло и Давиде. Помладиот бара да биде исфорсиран Арда Ѓулер, но повозрасниот останува на својот став дека Модриќ е недопирлив и секогаш ќе има предност во однос на останатите.

Давиде Анчелоти смета дека тимот треба да се сврти кон иднината и да го исполни ветувањето дадено кон Ѓулер дека тој ќе биде главен во средниот ред. За волја на вистината, Турчинот не е на посакуваното ниво оваа сезона за што причината може да се бара токму во недовербата од шефот на стручниот штаб.

Поради тоа, Ѓулер се заканил дека ќе си замине веќе во јануари, но ни тоа не може да го натера Карло Анчелоти да ја смени својата визија. Напротив, тој инсистира на Модриќ да му биде понуден уште еден договор на една сезона.