КФМ првото „албанско дерби“ во Првата лига го прогласи за меч од – висок ризик!

Натпреварот помеѓу вечните ривали, Работнички и МЗТ Скопје, в сабота дефинитивно ќе во центарот на вниманието на кошаркарската јавност, како пресметка на најтрофејните клубови со најголем број навивачи, поради што средбата традиционално е прогласена од – визок ризик.

Но, тоа нема да биде единствен дуел на кој ќе биде потребна поголема безбедност, со оглед што такво нешто предвидува Законот за спречување насилство и недолично однесување на спортските терени. Изненадувачки, за меч од висок ризик е прогласена пресметката помеѓу првиот и последниот тим на табелата по првите две кола – Чаир 2030 и Шкупи. Со оглед што разликата во квалитет е очигледна, единствена причина за ваквата одлука на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) е фактот што тоа ќе биде прво дерби помеѓу екипи предводени од челници од албанска етничка припадност.

Сезонава е прва во која има два вакви тима, поради што најверојатно желбата да нема никакви инциденти е причината за прогласување на средбата од висок ризик. Претходно, дел од Првата лига беше само Лирија, потоа само Шкупи, на крај и само Чаир 2030, а овој пат првпат се укажа можност за „албанско дерби“, што дефинитивно го привлекува вниманието не само на спортската јавност туку и на луѓето задолжени за организација на натпреварување.

Законот (види ТУКА) за вакви средби предвидува низа активности кои мора да се испочитуваат, како засилена редарска служба и поголем број полицајци според проценката на луѓето од МВР.