„Висла е подобра од што покажува табелата, ама – одиме по бод(ови) во Полска!“

Македонскиот ракометен шампион Пелистер утре ќе ги продолжи натпреварите во Лигата на шампионите (ЛШ) и тоа на гостински терен против полскиот тим Висла Плоцк.

Битолчани се осоколени по првиот освоен бод минатата недела дома против Спортинг Лисабон, но со респект ја очекуваат пресметката против тимот кој сезонава врза четири порази во низа во ова натпреварување.

„Одиме во гости кај екипа која е подобра и пласманот на табелата во Лигата на шампиони. Висла има четири порази, се минимални, но е одлична екипа што игра по шпански систем со многу репрезентативци, која го победи Киелце пред неколку дена. Тие се далеку подобар тим отколку што покажаа четирите натпревари досега. Сето ова покажува дека ќе треба добро да се потрудиме да се вратиме со бодови од Полска. Имавме позитивна недела, одигравме одличен натпревар во ЛШ и добар натпревар во македонското првенство, па со позитивна атмосфера ќе пробаме да продолжиме во ист стил“, изјави тренерот Бранислав Ангеловски.

Пелистер со еден бод во моментов е шестопласиран во групата А, пред Висла и Фредериција, кои немаат ниту еден бод.