Симфонија на Меси - три гола и две асистенции (ВИДЕО)

Репрезентацијата на Аргентина ја оствари најубедливата победа во квалификации за Светско првенство откако ноќеска ја прегази Боливија со 6-0 на Монументал.

Автор на триумфот беше најдобриот фудбалер на сите времиња Лионел Меси кој постигна три и асистираше за уште два гола за светскиот шампион. Погоди во 19., 84. и 86. минута, а им овозможи и на Лаутаро Мартинез и Хулио Алварез да се запишат во листата на стрелците. Единствениот гол во кој директно не учествуваше суперѕвездата на Интер Мајами беше петтиот кој го постигна Алмада, а му асистираше Молина. Ова беше и рекорден, десетти хет-трик на Меси за репрезентацијата.

Рапсодијата на Меси се случи ден пред одбележувањето на 20-годишнината од почетокот на неговата професионална кариера. Приказната почна на 16 октомври 2004 година кога дебитираше во првиот тим на Барселона, на дуелот против Еспањол на Монжуик. Оттогаш освои се што можеше да се освои во светот на фудбалот, а сега ја води Аргентина кон пласман на уште еден Мундијал на кој најверојатно, со 39 години, ќе ја заврши својата кариера.

Поради сето ова не чуди што натпреварот заврши со неколкуминутно скандирање за Меси од преполното гледалиште на Монументал. Аргентина е на само чекор од ново учество на Светско првенство каде ќа ја брани титулата освоена во Катар.