„Црвено-бела“ рапсодија: Звезда среде Истанбул го остави Фенербахче на 57 поени

По три кола во новата сезона, екипата на Црвена Звезда е најпријатно изненадување во Евролигата.

АБА шампионот вечерва славеше на гостувањето кај еден од најсериозните кандидати за титулата во елитното натпреварување Фенербахче со огромни 76-57. Покрај убедливиот триумф, неверојатно звучи тоа што Звезда успеа да остави тим како Фенер на само 57 постигнати поени и тоа на негов терен.

Гостите во ниеден момент не беа во негатива, а исходот можеше да се насети уште на почетокот. За кратко време, гостите имаа 12-2, пред крајот на првата четвртина 26-10, а на стартот од вториот период и 31-12. Фенербахче покажа знаци на живот со серијата од 12-0 кон средината на вториот квартал со која се доближи на седум поени негатива, подоцна дојде и на -5, но со една серија од 9-0 меѓу третата и последната четвртина, Звезда отиде на 56-42 и го скрши отпорот на домаќинот.

Првпат во историјата, белградскиот тим има 3/0 на почетокот на сезоната во Евролигата и со тоа уште сега се промовира во кандидат за пласман во плејофот.