Како ѕверови да се бореле: Играчот на Фенербахче гребел, а на Ефес - гризел (ФОТО)

Неверојатен и непотребен излив на бес покажаа кошаркарите на Фенербахче и Анадолу Ефес, Тарик Биберовиќ и Илајџа Брајант на дербито на Истанбул во рамките на Евролигата.

Биберовиќ тргна кон противничкиот кош, Брајант се обиде да го блокира, но не успеа и потоа двајцата завршија на под. Такви ситуации има „милион“ на секој натпревар, но двајцата кошаркари потоа се фатија за гуша и почнаа да се борат, а официјалните лица и соиграчите спречија да си удрат и по некој бокс. Епилогот беше исклучување на двајцата, а фотографиите кои излегоа подоцна покажаа дека и додека се наоѓале на подот, Биберовиќ ни Брајант се однесувале како ѕверови.

Брајант го гризнал противничкиот кошаркар и во Турција за него бараат суспензија слична на оние кога Луис Суарез им го направи истото на Бранислав Ивановиќ во 2013 и Џорџо Кјелини во 2014 година. Во првиот случај Премиер лигата го казни со 10 натпревари неиграње, а во вториот ФИФА му забрани четири месеци да пристапи на фудбалски терен, без разлика дали е тренинг-центар или стадион, па тој не можеше ни да тренира со Барселона за која потпиша летото 2014.

Наивен не бил ни Биберовиќ кој во „борбата“ се наоѓаше во подредена позиција, под својот ривал и го гребел Брајант за што кошаркарот на Ефес приложи фотографии. Јасно е дека на двајцата им претстои суспензија, колкава ќе биде таа, ќе се знае веројатно идната недела.