Работнички доби „инјекција“ од 4,5 милиони денари за спас од финансиската криза!
Ова денеска го обелодени советникот Ненад Матевски, на чија иницијатива всушност дојде до вонредна седница за пренамена на средства и за помош на црвено-црните од „Градски парк“.
„Голема благодарност до сите советници што го поддржаа предлогот за пренамена на 4,5 милиони денари за Работнички од општина Центар. Ваучерите од новоформираното Министерство за спорт се уште доцнат, па оваа финансиска инјекција добро ќе дојде за да се пребродат тешките моменти за нашиот кошаркарски великан. На Работнички местото му е на врвот“, напиша Матевски.
Работнички цела деценија се бори со финансиски проблеми, кои во еден момент достигна минус од 600.000 евра, кои потоа со неколку годишно домаќинско работење речиси се доведе до позитивна нула. Но, во последниот период дојде до нови финансиски проблеми, кои особено се присутни годинава, за што доказ е блокираната сметка од вкупно 145 дена во 2024 година. Според јавно достапните информации, сметката на центарски е одблокирана пред помалку од една недела, што со новите најавени средства од општината е најава за далеку подобри денови за црвено-белите.