Поранешниот тренер на МЗТ Скопје доби отказ од клубот на Јокиќ

Противникот на Пелистер во АБА 2 лигата, Џокер, кој е во сопственост на Никола Јокиќ и неговото семејство, ја прекина соработката со искусниот стручњак Жељко Лукајиќ, по мечот од првото коло на КЛС, против Младост Земун.

КЛубот од Сомбор доживеа пораз на тој натпревар, но сепак никој не очекуваше дека популарниот Струја ќе добие отказ. Четири дена претходно Џокер оствари историска победа против Подгорица во АБА 2 што беше прв триумф за клубот на меѓународна сцена во неговата историја.

„Должен сум во името на Џокер, но и во свое лично име, да му се заблагодарам на Жељко Лукајиќ и неговиот помошник Миљан Ивановиќ за коректната и професионална соработка, како и на придонесот што го имаа во афирмацијата и развојот на нашиот клуб и кошарката во Сомбор“, изјави спортскиот директор на Џокер, Срѓан Стојков.

Лукајиќ е познато име во регионот, краток период беше тренер и на МЗТ Скопје пред крајот на 2017 и почетокот на 2018 година, но може да се пофали дека работел и во голем број славни клубови на просторите на поранешна Југославија, вклучувајќи го и Партизан. Неговото заминување значи дека Џокер против Пелистер во третото коло од АБА 2 лигата ќе игра со нов тренер чие име наскоро ќе биде познато.