Баер и Волфсбург приредија спектакл, шампионот пак победи со гол во судиското продолжение (ВИДЕО)

Седум гола, три пресврти и победа со гол во 93. минута го одбележаа дуелот меѓу екипите на Баер Леверкузен и Волфсбург, во претпоследниот меч од четвртото коло на Бундеслигата.

Славеше актуелниот шампион на Германија со 4-3 и тоа на начин на кој триумфираше на десетина натпревари минатата и оваа сезона. Гостите поведоаблагодарение на Мукиеле кој си постигна автогол, но по половина час игра веќе беше 2-1 за Баер за што се погрижија Вирц и Тах. Вториот пресврт го режираше Волфсбург и тоа до крајот на првото полувреме бидејќи погодија Борнаув и Шванберг, па гостите на голем одмор заминаа со водство од 3-2.

Потезите кои го одлучија победникот ги повлече тренерот на Баер, Чаби Алонсо. Во второто полувреме во игра ги пушти Хинкапи и Бонифас, а двајцата се „заблагодарија“ со по еден гол од кои оној победничкиот, на Бонифас беше постигнат во третата минута од судиското продолжение.

Со ова Баер се искачи на втората позиција на табелата со 9 бода, три помалку од лидерот Баерн, додека Волфсбург остана на само една победа оваа сезона.