И тенисерите се кренаа како фудбалерите: Нѐ убиваат со густиот распоред

Последната недела ја одбележа протестот на фудбалерите кон светските фудбалски власти во врска со големиот број натпревари во текот на сезоната, а сега им се приклучија и тенисерите.

Предводени од Карлос Алкараз, тие се пожалија за густиот распоред и побараа тој да биде растоварен во иднина.

„Многумина сметаат дека има премногу задолжителни турнири и дека во иднина ќе ги има уште повеќе. Со тоа буквално не убиваат. Има се повеќе повредени, а во еден момент играчите ќе мораат да прескокнуваат турнири за да го сочуваат своето тело, да поминат повеќе време со семејствата и да имаат повеќе живот надвор ос тенисот“, рече Алкараз.

Сепак, како и во случајот со фудбалерите, протестот со тенисерите ја истакнува нивната дволичност. Тие се едни од најплатените спортисти во светот, а најчудно од се е тоа што и во периодите кога можат да одмораат, тие учествуваат на незадолжителни турнири каков што е Лејвер купот кој се одржува во моментов или на ревијални дуели и турнири каков што треба да биде оној во Ријад кон средината на октомври. Причината е едноставна - желбата да се заработат уште повеќе пари.