Храбро предвидување на Милко Ѓуровски: Партизан ќе ја победи Звезда

В понеделник на ЈНА се игра првото големо дерби во српското првенство за оваа сезона во кое Партизан ќе биде домаќин на Црвена Звезда.

Двата тима се во дијаметрално различно расположение, Партизан се соочува и со голема криза во клубот и поради тоа Звезда е голем фаворит на овој меч. Сепак, со тоа не се согласува поранешниот македонски репрезентативец и член на двата клуба Милко Ѓуровски кој тврди дека ќе бидеме сведоци на изненадување.

„Мислам дека Партизан ќе ја победи Звезда бидејќи ова му е добра шанса да се врати во живот. Ќе видите в понеделник. Проблемот кај Звезда е во тоа што има премногу странци и има малку домашни фудбалери. Странците не знаат што е дерби, тие играат бидејќи се платени“, смета Ѓуровски.

Црвена Звезда доминира во српското првенство каде веќе седум години во низа е шампион, но нема поголеми успеси на меѓународна сцена. Сезонава игра и во Лигата на шампионите и во првото коло загуби на домашен терен од Бенфика.