Ѓоковиќ: Можеби последен пат играм во Србија

Претстојниот викенд тениската репрезентација на Србија игра против Грција во Дејвис купот, а Новак Ѓоковиќ ги повика навивачите да го исполнат Пионир бидејќи ова е можеби последна шанса да го гледаат во живо на домашен терен.

Секогаш кога имал можност тој ја прифаќал поканата да игра за репрезентацијата, но со оглед на фактот што има 37 години, факт е дека уште повеќе ќе ги редуцира настапите. Освен тоа, системот во Дејвис купот е сменет во однос на периодот од пред 5-6 години и само една рунда, таа во септември, се игра на теренот на еден од противниците.

„Победите во Дејвис купот носат поинакво чувство бидејќи зад себе ги имате селекторот, соиграчите и уште ако играте на домашен терен, пред навивачите, не постои поубаво нешто. Претходниот пат пред наша публика играв пред седум години, исто така во Дејвис купот. Ги повикувам навивачите, можеби последен пат настапувам овде“, изјави Ѓоковиќ.

Натпреварите меѓу Србија и Грција почнуваат утре од 15 часот, а Грците ќе бидат ослабени бидејќи во Белград не допатува Стефанос Циципас.