И Детонит се раздели со тренерот, Осогово најде замена за Илиевски
На местото на Добринко Илиевски, на клупата на Осогово седнува Горанчо Георгиев кој е и поранешен играч на клубот од Кочани. Со оглед на тоа што има пауза во првенството, Георгиев ќе има десетина дена да го подготви тимот за она што следува, а в сабота Осогово ќе одигра и пријателски меч со Брера во Струмица. По три одиграни кола во Втората лига, кочанскиот клуб се наоѓа на 14. позиција на табелата со само еден бод.
Тренерска смена има и во Детонит Плачковица кој спогодбено се раздели со Иван Варадиновски. Тоа е изненадување ако се знае дека во последните две кола во Втората лига, тимот од Радовиш освои четири бода и е на средината од табелата, а покрај тоа, под водство на Варадиновски, Детонит минатата сезона играше бараж за пласман во Првата лига во кој загуби од Вардар.