МЗТ го потпиша и десеттиот кошаркар – двоен првак и репрезентативец на Македонија!
За него ова ќе биде трета епизода во сино-белиот дрес, откако претходно настапуваше во периодот помеѓу 2018 и 2021 година, а потоа и во 2022 година, кога по неколку месеци замина во Холандија. Магдевски со „металците“ има освоено две шампионски титули и тоа во 2019 и 2021 година, кога беше избран за најкорисен МВП играч на финалната серија.
Репрезентативниот плејмејкер е десеттиот кошаркар во составот со кој тимот од „Јане Сандански“ ќе ја брани двојната круна на домашна сцена и ќе се обиде да се врати во АБА-лигата. Покрај него во тимот засега се Дамјан и Војдан Стојановски, Бојан Крстевски, Марин Петков. Андреј Андоноски, Марко Миловановиќ, како и интернационалците Брандон Слај (САД), Марко Баковиќ (Хрватска) и Милош Копривица (Србија).
Новата сезона за МЗТ Скопје официјално почнува на 24 септември со домашниот меч против Теодо Тиват во АБА2.