Естонија подобра, прв пораз за кадетите на ЕП во Скопје
Подобра од Македонија денес беше селекцијата на Естонија со резултат 76-57.
Естонците заслужено стигнаа до триумфот бидејќи единствена четвртина во која успевавме да парираме беше првата, додека во продолжение тие беа подобриот противник на паркетот.
Таа прва четвртина помина во изедначена игра по која Естонија водеше со два разлика (23-21). Но, веќе на стартот на втората естонските кошаркари започнаа да се „одлепуваат“, па точно пред паузата постигнаа поени со кои за првпат поведоа со двоцифрена разлика (41-31)
Ситуацијата на паркетот не се промени ниту во третата четвртина, па така по завршувањето на третиот период нашите кошаркари заостануваа и 18 поени (63:45). Не успеавме да се доближеме ниту во последниот период, па така до крајот беше прашање само со колку разлика Естонците ќе слават.
Најефикасни во нашите редови беа Цветаноски со 11 и Ефтимовски со 10, додека за Естонците Стен Адамсон уфрли 23 поени.
Со овој триумф Естонија избива на лидерската позиција со шест бода како единствена репрезентација со максимални три победи, додека Македонија со две победи и еден пораз (пет бода) е третопласирана, ист учинок на втората позиција има и Шведска.
Утре македонските кошаркари ги чека натпревар против Австрија која е последна во групата.