Прв пораз за младинците на ЕП: Се држевме едно полувреме, но Франција сепак беше подобра
Подобра од избраниците на селекторот Раде Стојановиќ денеска беше Франција со резултат 18:25. Maкедонија и покрај овој пораз ќе игра за пласман од 9. до 12. позиција.
Французите први стигнаа до водство на натпреварот, но потоа следуваше наша серија од 4:0 со која поведовме со 4:2. Предноста од два гола ја одржувавме до 6:4, имавме и неколку прилики да одиме на плус три, но не ги искористивме одбраните на Брестовац.
Франција знаеше тоа да го казни и дојде до изедначување на 6:6. До паузата беа подобри на теренот, па така Македонија имаше два негатива по првите 30 минути (10:12).
Во вториот дел не успеавме да го следиме темпото кое го наметна Франција, па така набрзо се „одлепија“ и на 19:13, а ние не успеавме да се вратиме во натпреварот.
Кај нас со по три гола беа најефикасни Белистојановски, Стојановски, Калајџиески и Митев. Голманот Брестовац собра шест одбрани.