МЗТ Скопје и трета сезона по ред ќе го има истиот тренер на клупата!

Македонскиот кошаркарски шампион, екипата на МЗТ Скопје во новата сезона ќе влезе со „стар тренер“, откако денеска од Аеродром информираа дека е продолжена соработката со досегашниот стратег, Васко Атанасов.

За 30-годишниот стратег ова ќе биде втора сезона која од самиот старт ќе ја почне како прв тренер, а вкупно трета со оглед што шансата за предводење на сино-белата чета ја доби пред самиот крај на сезоната 2022/23. Атанасов веќе има две шампионски титули со тимот од „Јане Сандански“, како и еден трофеј од Купот на Македонија, освоен во февруари годинава на завршниот турнир во Битола. Зад него е и претходно е искуство од самостојно водење екипи и тоа со БАС Академи, Струмица и молдавскиот прволигаш Адмиралс.

Атанасов веќе има осум кошаркари на располагање за следната сезона и тоа новото засилување за „металците“, Американецот Брандон Слај, потоа Хрватот Марко Баковиќ, браќата Дамјан и Војдан Стојановски, кои неодамна ги обновија договорите, како и староседелците Бојан Крстевски, Марин Петков, Андреј Андоноски и Марко Миловановиќ.