Мареј го откажа настапот на Вимблдон во последната сезона од кариерата

Најдобриот британски тенисер Енди Мареј нема да учествува на претстојниот турнир на Вимблдон поради неодамнешната операција.

Потребна му е пауза од шест недели поради што не само што нема да игра на Вимблдон, туку во прашање е доведен и настапот на Олимписките игри.

„По операцијата на спиналната циста, Енди Мареј, за жал, нема да игра на Вимблдон. Одморај, Енди, ќе ни недостасуваш“, објави АТП на својот профил на социјалните медиуми.

Настапот на Вимблдон оваа година требаше да биде последен во кариерата на Мареј кој најави дека на крајот од 2024 ќе се пензионира. Поради тоа нема да има можност да се збогува со домашните навивачи кои со нетрпение го очекуваа на терените на Ол Ингланд клуб. Мареј е двоен победник на Вимблдон, во 2013 и 2016 година и поранешен најдобар светски тенисер на АТП листата.