Вардар дури во финишот го „скрши“ Охрид и остана во игра за титулата!
Натпреварот речиси 50 минути беше тотално изедначен со најчесто водство на некој од тимовите со еден гол разлика или со егал-ситуација на семафорот. Така беше се до резултатот 18-18, кога до израз дојде поголемото искуство на гостите, кои со серија 6-2 првпат се одлепија до плус четири (24-20). Тоа, сепак, не ги прекина нервозите кај навивачите на црно-црвените, со оглед што охриѓани во само две минути вратија со три гола во низа и повторно ја вратија неизвесноста (23-24). Но, тоа беше се што сторија, со оглед што вардарци потоа постигнаа два гола по ред и дојдоа до победничкото водство доволно за посакуваните три бода.
Најзаслужен за триумфот на скопјани беше Хансер Родригез, кој средбата ја заврши со 10 погодоци, додека кај домашниот тим најпрецизни беа Ојлески, Орјоникидзе и Гал Цицар со по четири гола.
Ова беше меч од шестата рунда од Суперлигата по која Пелистер останува прв со максимален број победи и 20 бодови, додека зад него се Вардар и Алкалоид со по 15 бодови.