
На Арена спорт од јануари ќе се коментира на македонски и на албански јазик!
Оваа новина се планира да се промовира од следната година.
„Планираме пет канали да бидат на македонски јазик и пет на албански јазик бидејќи таму албанскиот јазик е еден од службените јазици“, изјави главниот извршен директор на Арена ченелс групацијата, Небојша Жугиќ.
Арена спорт каналите, кои се дел од Телеком Србија групацијата, се најгледаните спортски канали во регионот и во Македонија. Тоа се должи на фактот што оваа телевизија ги има ексклузивните права за пренос на најквалитетните фудбалски, кошаркарски, ракометни и останатите спортски натпреварувања. На Арена спорт одат преноси од Лигата на шампиони, Лигата на нации, Лига Европа, квалификациските натпревари за СП 2026, како и за ЕП 2024 и ЕП 2028 година, натпреварите од НБА. Покрај ова, од неодамна има преноси од НФЛ и од американскиот бејзбол шампионат.
Покрај елитните лиги и натпреварувања од светот, на Арена каналите се пренесуваат и натпреварите од Првата македонска фудбалска лига, како и АБА 2, каде што се натпреваруваат македонскиот кошаркарски шампион, МЗТ Скопје, како и екипите на Пелистер и на ТФТ.