
Се сеќавате на „немакедонските“ бордо дресови на ФФМ? - Уште се користат! (ФОТО)
Ни го носи некоја младинска селекција на Македонија ниту, пак, не се користат како тренинг дресови, туку се новите униформи на македонскиот третолигаш - Демир Хисар.
Екипата која се натпреварува во Трета лига југозапад ги користи овие бордо дресови од ноември 2022 година, за што може да посведочи и нејзината официјална фан-страница на Фејсбук. Во последнава година многу поретко се објавени фотографии од претходните дресови, кои потсеќаат на репрезентацијата на Перу и на Ривер плејт, од Аргентина.
Како овие дресови стигнале до ФК Демир Хисар? - Не е познато.
Она што јавноста го знаеше е дека, откако ФФМ ги промовира на голема врата новите модерни дресови за ЕП 2021, јавноста се крена со остра реакција, обвинувајќи дека оваа бордо нијанса не ја претставува Македонија. ФФМ се правдаше дека такви дресови им пратиле од ЈАКО, германскиот произведувач на спортска опрема, а Германците, пак, велеа дека тие не креираат дресови од свој памет, туку ги направиле точно како што ФФМ дала инструкции.
За да смири ситуација, претседателот Мухамед Сеидини соопшти дека бордо дресовите ќе бидат тргнати од употреба и Македонија ќе настапи на ЕП 2021 во својата препознатлива униформа, со посветла црвена и со жолтото сонце.
Бордо дресовите веќе беа пуштени во продажба, некои луѓе купија, но што се случи со целиот контингент добиени од ЈАКО и наменети за репрезентацијата - не беше познато. Очигледно дел од дресовите заминале кај ФК Демир Хисар, кој наместо со клупско лого, игра со амблемот на ФФМ.