Кил првпат во Битола, може ли Пелистер да понуди повеќе од само пеколна атмосфера?
За пеколната атмосфера и уникатното искуство нема дискусија, но ако треба да се зборува за резултат и однос на силите меѓу Кил и Пелистер - тоа е друга тема. Во досегашниот тек од сезоната актуелниот македонски шампион не покажа дека може да понуди нешто повеќе од само просечен отпор за гигантите од неговата група во Лигата на шампионите.
Досега загуби од Колстад со 23-32 во Битола и од Олборг со 23-38 во Данска, па не постојат многу аргументи во прилог на желбите вечерва да биде различно. Доаѓа Кил, четири кратниот првак на Европа, 23-кратен и актуелен на Германија.
„Кил е секогаш Кил, но не треба да влеземе во натпреварот со преголемо почитување. Тие се светска екипа и освојуваа многу титули. Треба да се бориме докрај и да се обидеме да извлечеме добар резултат, ако тоа е возможно. Пред домашната публика, која е меѓу најдобрите во светот, можеме да парираме и да се бориме до крајот“, изјави Урош Борзаш.
Тој е еден од новодојдените ракометари, кои досега имаат променливи изданија, впрочем како и целата екипа. Одигра одлично второ полувреме во Скопје, во поразот од Вардар, постигнувајќи пет гола за помалку од 30 минути, па потребен ќе биде во такво издание и денеска.
Кил ја отвори сезоната со три победи во Германија, по што следуваа два непријатни пораза од тимови кои не играат во ЛШ, од Фленсбург и од Мелсунген, но сето тоа беше пред да почне ЛШ. Во неа „зебрите“ славеа над Загреб како гости и (23-30) и дома со Пик Сегед (35-32), па порачаа дека се назад во вистински колосек.