Поранешен кошаркар на Кожув доживотно суспендиран поради – местење натпревари!

Светската кошаркарска федерација (ФИБА) продолжува со чистењето на овој спорт од „расипаните јаболка“, кои го нарушуваат имиџот со местенки на натпревари, а првпат една од жртвите е и кошаркар кој настапувал во Македонија, со најава дека нема да биде и – единствен.

Станува збор за српскиот интернационалец Никола Павловиќ, кој деновиве е доживотно суспендиран од играње и од секакви други функции во кошарката поради учество во „шурувања“ со обложувалниците. Тој е дел од мрежата кошаркари кои местеле натпревари во српската КЛС-лига, но засега нема информации дали го правел тоа и додека настапувал во макбаскетот. Павловиќ беше дел од Кожув во сезоната 2019/20, кога одигра само три меча за овој тим во кои просечно реализирал 7,3 поени со осум скока за речиси 27 минути поминати на паркетот. Не е познато дали неговите конекции со обложувачката мафија е причината за краткиот престој во Гевгелија, со оглед што имаше сосема солидни бројки во мечевите на кои настапи.

Тој е третиот српски кошаркар за кого ФИБА веќе изрече доживотна суспензија, по Стефан Шајин и Александар Илкиќ, кои исто така последните години ги минаа во КЛС-лигата, а претходно поради договори за местење натпревари со истата казна беа „удрени“ и двајца судии, Црногорецот Касим Бајровиќ и Косовецот Даут Мехмети.