
Пелистер понуди сезонски билети ко Битола да е Белград!
Ако некој навивач на Пелистер сака да го поддржи клубот со сезонски билет, ќе треба да плати 5.500 или 6.500 денари, во зависност од позицијата која ќе ја има на двете расположливи трибини. Билетот вклучува следење на сите домашни натпревари на Пелистер во ЛШ, во СЕХА-лигата и во домашното првенство, како и домашните натпревари на Пелистер 2.
Ова се цени на нивото на Црвена звезда и на Партизан, кои настапуваат во кошаркарската Евролига, во своите спектакуларни сали, со капацитет од преку 10.000 гледачи. Црвено-белите неодамна објавија дека најевтиниот сезонски билет за сите нивни натпревари чини 11.000 динари (5.750 денари), фалејќи се дека се поповолни од градскиот ривал.
Цената која Пелистер ја нуди е поскапа од минатата година, кога билетот чинеше 4.500 денари за натпреварите од СЕХА, домашното првенство и од Европската лига на ЕХФ. И таа цена е многу поскапа од сезонскиот билет кој можеше да се набави за следење на натпреварите на Вардар, како актуелен европски шампион, во 2019/20 сезона, тогаш по цена од 2.550 денари. Дури и по коронавирусот и неизбежната инфлација, сезонските билети за 2021/22 во „Јане Сандански“ чинеа 2.600 денари, повеќе од двојно поевтино од тие за „Боро Чурлевски“.
„Што добивате со сезонскиот билет?
* Ваше загарантирано место и присуство на сите натпревари во сите натпревари на домашен терен на РК Еурофарм Пелистер и РК Еурофарм Пелистер 2.
* На сите натпревари влегувате на посебен влез без гужви и чекање.
* Станувате дел од клубот на лојални подржувачи на РК Еурофарм Пелистер и РК Еурофарм Пелистер 2 и добивате можност за 10% попуст при купување на производи од Фан-продавницата на клубот.
* Добивате плакета „Наш лојален поддржувач“ со фотографија и потпис од сите играчи на РК Еурофарм Пелистер и РК Еурофарм Пелистер 2“, информираа од клубот за поволностите кои ги носи сезонскиот билет.
Ако, пак, некој сака да купува билети одделно за секој натпревар од Лигата на шампионите, цените се 550 денари (централни позиции - јужна и северна трибина), 450 денари (странични позиции - јужна и северна трибина). Поединечните билети за натпреварувачката сезона 2023/24 во домашното првенство ќе изнесуваат од 120 до 250 денари (централни позиции - јужна и северна трибина) и од 100 до 180 денари (странични позиции - јужна и северна трибина).
Билетите ќе бидат достапни за купување на порталот за е-продажба на билети на РК Пелистер, кој ќе биде пуштен во употреба на 4 септември во 19 часот. Клубот ќе нуди можност билетите да се купат и на девет рати.