Чави го убедувал Дембеле да не оди во ПСЖ: Не заборавај што му се случи на Нејмар
Чави имал неуспешен обид да го убеди Усман Дембеле да не оди во ПСЖ. Стратегот минатата недела разговарал со Французинот и ништо не наведувало на трансфер, напаѓачот порачал дека следна цел му е да ја освои Лигата на шампиони со Барса откако минатата сезона „каталонците“ се вратија на тронот во Ла Лига по четири години.
Сепак, по победата над Реал Мадрид во Далас, Дембеле го информирал Чави за желбата да замине од Барса и да потпише за ПСЖ.
Чави се обидел да го предомисли, му објаснил дека ќе биде клучен дел во шемата и главно оружје во атакот на титулата во Лигата на шампиони.
Тој дури и му го дал Нејмар за пример, кој исто така на турнејата во САД реши да ја напушти Барселона и да се пресели во Париз. Бразилецот никогаш не блесна во ПСЖ, често се пишуваше дека жали за трансферот, не е среќен на „Паркот на Принцовите“ и сака да се врати на „Камп Ноу“.
Но, ниту еден од аргументите не бил доволен, Дембеле имал јасен став, сака трансфер во ПСЖ.
Чави на крајот бил многу разочаран со оглед на тоа што секогаш го бранел Дембеле пред раководството на Барса, беше единствениот кој веруваше во него и практично му ја спаси кариерата на „Камп Ноу“.