„Казната на МОК за Ристовски може да се користи само како - тоалетна хартија!“

Одлуката на Дисциплинската комисија (ДК) на Македонскиот олимписки комитет (МОК) за четиригодишна суспензија на Борко Ристовски за наводни „клевети и навреди“ кон претседателот Даниел Димевски, донесе нејаснотии со оглед на спорните ингеренции, но и остри реакции од сегашни и поранешни спортисти, кои сметаат дека сето ова е фарса и политички циркус.

Меѓу овие е и Весна Кираџиева, поранешна атлетска репрезентативка, шампионка и рекордерка на Македонија во маратон, полумаратон и во трката на 10.000 метри. Таа смета дека МОК нема никакви ингеренции врз спортот, најмалку да дава било какви суспензии.

„Распоред на ингеренции во спорт се АМС, Федерации, клубови; суспензија може да изречат федерации или клубови, дефинитивно не МОК, која е некој странична постава со исклучива надлежност за олимписки кандидати и нивно стипендирање (може само олимписка стипендија да му укине, ама и тоа не на овој начин). МОК не е суд, па да одлучува за тоа дали некоја изјава е клевета или не, па згора на тоа да си носи судови и санкции кои не се ни во нивна надлежност. Со ова темпо на однесување 'ќе си искуцаме ние одлука и мора да се реализира', утре ќе си искуца кривична одговорност и ќе ја достави како валидна - крајна неписменост. Статутот и деловниците на МОК е за нивна внатрешна употреба, не за национална. Има надлежен суд и доколку Димевски смета дека нечија изјава е лага и клевета, откако по судски пат ќе се разреши случајот, и само доколку се испостави дека се работи за клевета со судска одлука, после може да си поднесе жалба и преку АМС и федерацијата под чие име настапува спортистот, да бара санкции. Значи, да бара, што не значи дека мора и да му се одобри жалбата“, напиша Кираџиева.

Таа на крајот поентира со тоа што вели дека одлуката на ДК на МОК во печатена форма може да се користи само како тоалетна хартија, бидејќи нема никаква правна моќ.