Лани на ист ден Пелистер се радуваше во Скопје! Годинава играат „други“ екипи!

На 26 март, пред точно 365 дена, во Битола огреа силна надеж дека титулата, можеби ќе се врати првпат по 2005 година. Пелистер го совлада Вардар во Скопје со 23-22 и тоа пред полна сала.

Обично, гостинска победа во македонскиот двомеч за титула - без разлика дали Вардар - Пелистер или кога беа Вардар и Металург - значеше повеќе од 50 проценти завршена работа. Ако ривалот си дозволи да се лизне на домашен терен, гостинскиот е уште полизгав и уште пожежок. Меѓутоа, зелено-белите не ја искористија шансата и загубија два месеца подоцна, во „Боро Чулевски“.

Лекцијата е научена. За сите! Дека никогаш ништо не е готово.

Меѓутоа, постои нешто друго што може да се извлече, кога ќе ги споредиме тие Вардар и Пелистер од пред една година и овие кои вечерва во 18 часот ќе се судрат во „Јане Сандански“. И двата тима се драстично сменети!

Промената обично значи нешто позитивно, но прашање е дали е така во случајов со нашите ракометни херои. Кај Вардар беше принудна, поради европската суспензија многу ракометари си заминаа, а и тие кои требаше да дојдат не дојдоа. Кај Пелистер, божем, беше за реконструкција на тимот кон подобро, но досега резултатите изостануваат.

Важно бројките кажуваат дека во битолскиот тим 11 играчи кои истрчале во „Јане Сандански“ на 26 март 2022, денеска - ги нема во тимот. Кај Вардар бројката е нешто помлака - осум се заминати. Затоа, дербито ќе биде и дуел на тренерите, кој колку успеал да скрои и закрпи во овие 12 месеца.

Кај Вардар непроменет адут од клупата е Владо Недановски, кај Пелистер пред две недели се креираше новиот двоец на клупата, кога Јовиќ доби унапредување од вториот тим а се врати Звонко Шундовски. Во меѓувреме имаа само еден натпревар да го видат тимот на дело, со Нексе во СЕХА-лигата и тој успеаја да го добијат со 27-23.