Прва рунда за титулата: Пелистер ќе посегне по царството на Вардар!

Борбата за ракометна превласт во Македонија се сведува на два натпревари, 120 минути ракомет кои одредуваат кој ќе седи на престолот во следните 12 месеци. Првата рунда за сезоната 2022/23 ќе се одигра во Скопје. Вардар го пречекува Пелистер во Јане Сандански денеска од 18 часот, во меч кој ќе биде најголем тест за црвено-црните оваа сезона. 

Вардар ја брани титулата, но овој пат од позиција на изолација. За разлика од минатите сезони, оваа немаше шанса да си ги тестира силите со најдобрите европски екипи и единствените посилни наптревари кои ги одигра беа четирите од СЕХА-лигата, против Татран Прешов и Партизан. Владо Недановски располага со екипа и играчи кои веќе долго време ги познава и воиграноста не би требало да претставува проблем, но сепак, ако нешто е хендикеп за Вардар тоа е недостатокот на силни натпревари оваа сезона.

Оние домашните ги решаваше со сигурност, со неколку исклучоци, како септемвриското гостување на Алкалоид во истава сала. Тоа само покажа дека шампионот може да биде ранлив, особено со екипа која има подлабок ростер и поквалитетна клупа како Пелистер. Гостите од Битола направија прво играчки ремонт летоска, менувајќи десетина играчи во својот состав, а потоа се разделија и со тренерот кој требаше да го крене клубот ниво погоре, Данецот Ларс Валтер. 

Во дуелов со Вардар влегуваат со непријатна сезона во Европската лига (2-2-6 во победи, нерешени и порази), променливи игри во СЕХА, но и навремена тренерска смена, која сигурно ја крева мотивацијаа. Во клубот се врати Звонко Шундовски, последниот тренер кој го однел Пелистер до шампионското задоволство, уште во 2005 година. Која е неговата точна функција во клубот (тим-менаџер или тренер) и нема да им биде толку важно ако Пелистер слави во Скопје. 

Сепак, историјата подучува. И минатата сезона ја освоија „Јане Сандански“ (со 24-23), па на крај мораа да гледат како црвено-црните се радуваат на титула во нивниот дом (26-23). Оттогаш имаа уште две соочувања, во завршницата од Купот, во мај во Кавадарци, кога Вардар ги обедини круните и во Супер купот, во септември, кога Пелистер го совлада Вардар со 23-22 и го одбрани пехарот.

ТАБЕЛА: Вардар 15, Пелистер 15, Алкалоид 9, Тиквеш 7, Бутел 4, Пелистер 2 4, Охрид 3, Пролет 2.