
Сите екс-Ју престолнини даваат милиони во спортот, а Скопје - една голема НУЛА (ФОТО)
И додека државата преку т.н. закон за ваучери инјектира по 10 милиони евра секоја година, тоа не дава некој голем придонес бидејќи тие се лошо дисперзирани, според принципот по малку за сите, но за никого доволно да направи некој голем исчекор на меѓународна сцена. И додека сите останати во поранешната заедничка држава пронајдоа системски решенија за финансирање на најдобрите клубови со најзвучни имиња и најголема традиција, кај нас се „фрлаат“ пари на инстант тимови без јасна визија и долгорочна политика.
Поради тоа, ФК Вардар без скршен денар товори во Втората лига, РК Вардар е на добар пат да го снајде слична судбина во обидот да се извади од долговите на претходното раководство, КК Работнички со години не е фактор во македонската кошарка чистејќи ги старите долгови, а во одбојката одамна немаме брендови како што некогаш беа ОК Вардар и ОК Работнички. Единствена светла точка можеби се МЗТ Скопје со настапот во АБА и РК Пелистер во Европската лига, но и тоа со проблеми во делот на обезбедување финансии во ситуација кога македонското стопанство е во колапс.
Главна причина за ваквиот распад на македонскиот клупски спорт, барем во делот на клубовите од престолнината, е во отсуството на слух за финансирање во овој сегмент од градот Скопје. Иако на пример за годинава предводниците на престолнината имаат на располагање буџет од 115 милиони евра, за врвен клупски спорт имаат одвоено – НУЛА денари, не сметајќи ги малите суми кои повремено им ги „фрлаат“ како на кучиња. Овој проблем не е сегашен туку е долгорочен бидејќи не постои никакво законско системско решение за финансирање на врвниот клупски спорт, особено на брендовите како Вардар, Работнички, МЗТ во сите спортови.
А, луѓето седнати во фотелјите во град Скопје само треба да погледнат кај колегите од останатите престолнини во регионот. Само површно да просурфаат ќе видат дека град Белград на ФК Ц. Звезда за само една година им исплатила 4,6 милиони евра, а слична сума добил и ФК Партизан, додека половина од овие пари завршиле кај кошаркарските вечни-ривали. Град Загреб, пак, годишно дава два милиони евра за врвниот клупски спорт и тоа на најмногу пет клуба во сите спортови, кои за тоа право се изборуваат со своите резултати. Сараево редовно со суми од 100.000 и 50.000 евра ги спонзорира фудбалските клубови како стратегија за развој на овој спорт, додека град Подгорица во 2023 година одвоила 3,5 милиони евра за спорт од кои по 500.000 евра за РК Будуќност за жени и КК Будуќност за мажи. Љубљана, пак, од 2007 година до денеска вложила неверојатни 256 милиони евра во спортот, од кои во просек годишно завршувале 8,5 милиони евра кај најдобрите клубови односно брендовите кои го креваат имиџот на градот во Европа и во светот.
Па затоа српските тимови редовно играат во групната фаза од ЛШ и Лига Европа во фудбалер и во Евролигата во кошарка, црногорските екипи се фактори во женската ракометна ЛШ и во кошаркарската АБА, а хрватските и словенечките се достојни претставници на своите престолнини. А, во исто време, поради немањето слух во град Скопје, ФК Вардар е сираче без ништо свое, РК Вардар има забрана да игра во Европа поради долгови, КК Работнички е само бледа сенка на клубот од кој во минатото се плашеа сите гиганти од некогашна СФР Југославија, а одбојкарските расадници на големи таленти како Вардар и Работнички речиси и да не постојат.