
„За репрезентација треба да сакаш да играш, вратата е отворена за Манасков“
На денешниот прв собир, тој одговори на прашањата за двете искусни крила: зошто се отсутни и дали одлуката е привремена или долгорочна:
„Со Гоце Георгиевски се договоривме уште на СП во јануари да им отстапи место на помладите. Неговите два последни натпревари ќе бидат против Луксембург и против Турција и мислам дека достојно ќе може да се опрости од националниот тим. За Дејан Манасков, по СП решив да им дадам шанса на помладите играчи на таа позиција, како Цветан Кузманоски и Петар Атанасијевиќ“, рече Лазаров.
Како дообјаснување рече дека за репрезентацијата „треба да сакаш да играш“, без да навлегува што тоа значи и дали крилото на Вардар не сака да игра.
„Вратата за секого е отворена. За националната репрезентација треба да сакаш да играш. За никого не е затворена вратата, така што одлуката не е конечна“, се изјасни Лазаров.