
Станковски имал неверојатна среќа, раскажа како го избегнал земјотресот (ВИДЕО)
Станковски по натпреварот во Анталија решил да се врати во Скопје, а двата слободни дена го спасиле од разорниот земјотрес.
„Прво сакав да одам во Газиантеп, по што ни кажаа дека ќе летаме преку Истанбул. Бев на половина пат од Скопје и решив да се вратам дома. И за среќа го избегнав земјотресот и не доживеав стрес. Добив многу пораки по земјотресот, сите ми пишуваа дали сум добро, а јас потоа дознав што се случило, ова е голема трагедија“, вели Станковски.
Македонскиот фудбалер кажа дека ситуацијата е ужасна во регионот кој беше погоден од земјотресот, а исто така откри дека е во постојана комуникација со клубот и им било кажано дека треба да се вратат на тренинг в петок, иако тоа е малку веројатно поради хаотичната ситуација во Турција.
„Ситуацијата е многу лоша, аеродромот е затворен. Ни кажаа в петок да дојдеме на тренинг, но тешко дека ќе се случи такво нешто“, кажа младиот фудбалер.
Станковски веќе една година живее и игра за Газиантеп, каде што се пресели од екипата на Работнички.