
Леонида Гичевска се враќа во француското првенство!
Безансон бил во потрага по „медицински џокер“ што поскоро тоа подобро, па ја пикирале Гичевска како најбрза замена по повредите на Одри Дембеле и Ализе Демуж. Ѝ понудиле договор за оваа полусезона, а Гичевска, која есеноска настапуваше во загребска Локомотива веднаш ја прифатила понудата.
„Среќна сум што пристигнав во Безансон. Тоа е клуб со долга и убава историја и со високи цели. Игра константно добро во француската лига и во Европската лига на ЕХФ. Од моја страна, големо е задоволството да играм за Безансон и да му помогнам на тимот најдобро што можам“, изјавила Гичевска по претставувањето.
Безансон е четирикратен шампион на Франција, кој во моментов се наоѓа на седмото место на табелата со 14 екипи.
„Леонида е одлична офанзивна ракометарка, која може да игра како среден или лев бек. Доаѓа во Безансон за да го надомести отсуството на Одри и на Ализе. Таа има репрезентативно искуство, но исто така и во тимови како Локомотива, во Лигата на шампионите. Леонида зборува француски и веќе се има развивано како ракометарка во Франција, затоа нејзиното вклопување ќе биде лесно“, изјавил тренерот Себастијан Мизул.
Гичевска има 24 години и веќе настапуваше за екипите на Самбре-Авесноа и Ле Пузин. Летово од Франција премина во Локомотива Загреб, но сега е во нов поход да се докаже дека заслужува да игра во едно од најсилните европски првентсва.