
Легендарниот Блажевски ѝ се враќа на кошарката – преку лидерот во Третата лига!
Станува збор за култен скопски тим, кој по 25-годишна хибернација минатото лето се врати на кошаркарската мапа. Маџари е есенски шампион во Третата лига А со скор од осум победи и само еден пораз, со големи шанси да биде меѓу тимовите кои следната сезона ќе бидат дел од второлигашката конкуренција.
„Во новата 2023 година влегуваме со уште поголема амбиции, а вклучувањето на легендарното крило во нашиот стручен тим е само доказ на големата желба за што побрзо напредување кон кошаркарската елита. Блажевски ќе работи заедно со првиот тренер Ивица Палевски и со неговиот помошник и исто така легенда на макбаскетот, Диме Тасовски“, велат од КК Маџари.
Блажевски е еден од кошаркарите со најголем број настапи за репрезентацијата на Македонија, а беше стрелец на победничките поени за МЗТ Скопје во историскиот триумф над Реал Мадрид во 1996 година. Како тренер работеше во вторите тимови на Работнички и МЗТ Скопје, како и во Кожув.