Мукаетов: Со полно срце да им се заблагодариме на ракометните ветерани!

Ракометната федерација на Македонија (РФМ) го најави спектаклот со кој ќе почне 2023 година, ревијално-хуманитарниот настан на 3 јануари, на кој ќе се соочат актуелната репрезентација на Македонија и составот на ракометарите кои во минатата деценија се простија од државниот дрес.

Потврдени се 20 од ветераните во составот, кој ќе биде предводен од Илија Темелковски и Звонко Шундовски, селекторите со најголеми успеси на нашата репрезентација. Уште не е потврдено дали натпреварот ќе трае двапати по 15 или по 20 минути, но сигурно е дека ќе претставува славење на досегашните успеси и поддршка за младите кои допрва треба да го бранат реномето на Македонија.

„Влегувам во десеттата година од мојот мандат на чело на РФМ. Голем дел од играчите беа во зенитот на кариерите. Дел од нив сега не се активни, а на нивно место дојдоа нови генерации. Тие беа некогаш нивни идоли, сега ги заменија во репрезентацијата. Ова ќе биде одлична можност да се заблагодариме на 20-тина Македонци кои со полно срце и поственост ги бранеа боите на нашата држава Македонија и репрезентацијата. Ова ќе биде интересен настан да се види. Ракометарите заслужуваат многу повеќе, поради Ковид-19 не можевме да им се заблагодариме порано за се што даваат и давале за Македонија. Сакам да ги поканам сите оние кои може да дојдат, затоа што мислам дека ни следи еден прекрасен настан. Би сакал да се заблагодарам и на уметниците кои не пратат на овој настан“, истакна Живко Мукаетов, претседателот на РФМ.

Покрај натпреварот, ќе има и „трето полувреме“, музички настан кој ќе придонесе за побогата претстава на настанот, кој има и уште една цел. Средствата собрани од продадените билети ќе бидат донирани на СОС „Детско село“.

„Овој настан ќе биде хуманитарен, сите средства ќе одат во СОС „Детското село“. Целта ни е да собереме некаде околу еден милион денари. Досега се продадени 4.500 билети, останаа уште 1.500, се надевам дека салата ќе биде полна“, додаде Мукаетов.