
Тонали: Смешно, срамно судење, ајде да играме кошарка ако не!
Германецот покажа директен црвен картон за Фикајо Томори уште во 18. минута од мечот, а згора на тоа им додели и пенал на фудбалерите на Челси. Жоржињо го реализира, Милан остана без играч и веќе не беше ист натпревар. Италијанците не го криеа бесот ни во официјалнит изјави по натпреварот.
„Има многу такви инциденти за време на еден фудбалски натпревар. Кога ќе дадете пенал и црвен картон по само 18 минути, за таков контакт... Ако не ајде да играме кошарка, каде што секој допир е фаул. Јас таков впечаток имав вечерва, имавме неколку жолти картони за смешни, срамни стартови само во првото полувреме“, рече Сандро Тонали за „Скај спортс“.
Милан остана на четири бода, на третата позиција во групата Е, само пред Динамо, кој исто така има четири. Челси е прв со седум, а Салцбург втор со шест бода, така што оваа група е уште отворена. Во следното коло Милан гостува во Загреб, Челси во Салцбург.