Работнички повторно ќе стане голем, нов спонзор на клубот ќе биде - српски МТЕЛ!
Се шпекулираше со месеци дека во Рабитнички ќе влезат „големи пари“, но очигледно најавите влегле во сериозна фаза на реализација. Од клубот упатија јавна покана на свечено потпишување договор со новиот спонзор, кое ќе се случи утре.
„Договорот ќе биде потпишан на 8 октомври 2022 (сабота) во 12:30 часот во хотелот Александар Палас во Скопје меѓу извршниот директор на Мтел, г-динот Марко Лопичиќ и извршниот директор на КК Работнички Скопје, г-динот Горан Веселиновски. На настанот е предвидено присуство и обраќање на генералниот директор на Телеком Србија, г-динот Владимир Лукиќ, на претседателот на Владата, г-динот Димитар Ковачевски и градоначалникот на општина Центар, г-динот Горан Герасимовски“, пишува во клупското известување.
Не е познато колкави се пропорциите на ова спонзортсво, односно дали српската компанија целосно ќе ги преземе финансиските обврски на клубот или ќе биде само еден крупен помагач, но ако се суди по нејзините амбиции и планови на македонскиот пазар, веројатно е дека планираат долгорочна соработка и сериозен проект, кој би го вратил статусот на Работнички како фактор во македонската кошарка.
Центарци долго време се мачат со финансиски проблеми, создаваат и растураат играчки кадар, па поради тоа не стануваше збор за некакви резултати во последниве сезони, туку целта беше опстанок.