Кошаркарите на Македонија го претрпеа третиот пораз во третиот меч од квалификациите за СП 2023, откако попладнево, со „крпен“ состав и без селекторот Драган Бајиќ (позитивен на коронавирусот), загубија на гостувањето кај Грузија (91-70).

Отсуството на цела петорка поради повреди или болести (Дамјан Стојановски, Магдевски, Димитријевиќ, Стајиќ, Ѓуроски) остави преголема „дупка“ во составот на жолто-црвените. Противникот максимално ги искористи нашите проблеми и преку максимално расположените Тадус Мекфаден и Гиорги Шермандини брзо обезбедија убедлива предност, која до крајот имешно ја одржуваа.

Нашите кошаркари имаа само повремени блесоци, пред се со удари за три поени, во што предничеше Војдан Стојановски со четири тројки од пет обиди. Желбата на избраниците на Александар Јончевски, кој денеска ја имаше улогата на предводник од клупата, беше и тоа како видлива, но квалитетот дефинитивно беше на страна на противникот.

Стојановски со 15 поени и Дамјан Робев со 13 поени беа најдобри кај жолто-црвените, каде што одличен беше и Бојан Крстевски со 11 поени и 11скока. За одбележување е дебито на Андреј Митревски, кој постигна три поени, како и на Павел Данаиловски и Валмир Какруки, кои добија минути на теренот, но не се запишаа во листата стрелци. Поранешниот кошаркар на Карпош Соколи, Мекфаден, ни го наполни кошот со 26 поени, додека веднаш зад него беше Шермандини со 20 поени и 15 скока (седум во напад).

Македонија и Грузија ќе се сретнат и в недела, но овој пат во салата „Борис Трајковски“ во Скопје. Вториот меч од 3. коло од нашата група се игра вечерва помеѓу Шпанија и Украина (20.45 часот).