Трајковски не игра зашто е „стар“, па Мундобаскет ќе бркаме со – нов капитен!

Изоставувањето на Бојан Трајковски (35 години) за претстојните средби против Шпанија (петок) и Украина (29 ноември) на стартот од квалификациите за СП 2023 донесе зачудување во кошаркарските кругови, особено што тој беше капитен на Македонија во августовскиот претквалификациски циклус и еден од најзаслужните што жолто-црвените првпат добија шанса да се најдат на еден Мундобаскет.

Селекторот Драган Бајиќ имаше свое објаснување за ваквата ситуација, обидувајќи да го презентира „проблемот“ од свој агол.

„Од моето доаѓање најавив дека има само една цел, а тоа е подмладување и давање шанса на играчите кои се иднина на Македонија. Трајковски испочитува сѐ што му дадов како задача во претквалификациите и јас сум му благодарен за тоа. Но, сега тој не е на посакуваното ниво, а згора на тоа треба да мислиме на иднината. Ако сѐ уште играме со играчи како Трајковски, Крстевски, браќата Стојановски и истите добиваат по 40 минути на натпревар, кога младите ќе добијат шанса за докажуваме? Можеби Теодор Симиќ ќе биде новиот Перо Антиќ, но ако нему дадеме шанса сега, кога нема ни 18 години, како ќе знаеме до каде може да се развива. Но, ако, на пример, задутре почне против големата Шпанија, тогаш ќе знаеме дека сме го купиле за следните 10-15 години“, изјави Бајиќ.

Тој на споредбата што повиканиот Кирил Николовски (33 години) е на слична возраст како Трајковски, одговори дека проценил дека центарот на Кожув во моментов игра во одлична форма и дека ќе биде од голема помош на теренот. Отсуството на Трајковски донесе потреба од нов капитен, а тоа ќе биде крилниот центар на МЗТ Скопје, Бојан Крстевски.