Тодоров: Одлуката за „балони“ е добра, ама ќе биде лошо ако турнирот ѝ се додели на Естонија!

Селекторот на македонската репрезентација, Александар Тодоров, не е изненаден од одлуката на Светската кошаркарска репрезентација (ФИБА) за играње на средбите од ноемврискиот квалификациски циклус на едно место, во таканаречен „балон“, но смета дека никој не знае што ќе се случува со тоа поврзано со пандемијата со коронавирусот.

Жолто-црвените според распоредот на 27 ноември требаше да ѝ гостуваат на Италија, а три дена подоцна на Естонија, но тоа нема да се случи, туку овие средби ќе ги одиграат на место кои дополнително ќе биде одредено. ФИБА објави дека на турнирите ќе настапат четири или осум селекции (една или две групи), чии домаќини ќе се дознаат наскоро и ќе бидат селектирани според епидемиолошката состојба во државите.

Тоа, автоматски, носи опасност организацијата на „балонот“ во кој ќе биде и Македонија да им биде доделена на Естонците, кои се наш директен конкурент за пласман на ЕП 2021.

„За мене е сосема очекувана одлуката на ФИБА за начинот на играње, како и за воопшто да се дозволи одигрување на ноемврискиот прозорец. Тоа е пред сѐ се финансиските бенефити од овие прозорци, но и згуснатиот календар во втората половина на 2021, квалификации за Олимпијадата, Олимписките Игри, почеток на квалификации за СП 2023...“, изјави Тодоров.

За селекторот на нашиот национален тим дилеми нема, ризикот за играње на меѓународни натпревари во овој момент е - преголем

„Независно каде ќе се игра ‘балонот’, ризикот по здравјето на играчите и останатите членови на репрезентациите ќе биде голем. Впрочем гледаме насекаде безбројни одложувања на натпревари заради заразени играчи, а според сите најави, нè очекува уште пожесток бран со почетокот на есента“, дополнува првиот стратег на националниот тим..

За спортски аспект на одлуката на ФИБА, квалификациите да се играат на едно место, Тодоров вели дека би било добро ако наредните мечеви би ги играле на неутрален терен, евентуално на домашен.

„Ако говориме за кошаркарскиот дел, сигурно е дека за нас е подобро средбите да се играат на неутрален терен. Иако, се разбира, возможно е организацијата на нашата група да биде доделена на Естонија, поради, барем засега, погодната епидемиолошка ситуација таму. Но сепак...“, анализира Тодоров.

Во секој случај една особено комплицирана ситуација во која едноставно кажано, мораме да чекаме некои „многу подобри времиња“ за играње на врвна кошарка.

„Во овој период многу работи се менуваат секојдневно. Затоа, треба да почекаме да видиме што ќе се случува во почетокот на ноември. Впрочем, кој знае да даде одговор што ќе се случува до ноември? Дали и какви забрани за патувања ќе има. Кога го говорам тоа не мислам само на патувањата на репрезентациите, туку, исто така, за организирање на пристигнувањето и заминувањето на репрезентативците кои настапуваат во странство“, завршува селекторот.

Македонија ги загуби првите два меча од квалификациите, прво дома од Естонија, а потоа и на гости од Русија, поради што победата во втората пресметка со Естонците е императив и тоа таа треба да биде најмалку со двоцифрена разлика. Пласман на ЕП 2021 ќе обезбедат најдобрите две селекции помеѓу Русија, Македонија и Естонија, со оглед што Италија е веќе пласирана како еден од домаќините на следниот континентален собир.