Кошаркарите на Србија како да ја потрошија целата магија во првите четири средби на Светското првенство (СП) во Кина во кои победуваа со просечни 40 поени разлика, па по поразот од Шпанија денеска дојде и неуспех во четвртфиналната пресметка со Аргентина (97-87) за крај на надежите за медал односно за одбрана на среброто од пред пет години во Турција.

„Гаучосите“ одиграа фантастичен натпревар, знаеја што сакаат во текот на сите 40 минути и не му дозволија на поквалитетниот противник целосно да се размавне. Постигнаа 12 тројки и тоа секогаш во исклучително важни моменти, а не се исплашија ниту кога Србите првпат поведоа со два поени разлика (70-68) на стартот од последниот период. Аргентинците на тоа одговорија со серија 19-6 за ептен убедливи плус 11 (87-76) и најава за големиот риумф, кој им донесе пласман меѓу четирите најдобри селекции на Мундобаскетот.

Српските „орли“ не само што останаа без шанса да се борат за медал на СП, туку би можеле да останат и без директен пласман на Олимписките игри в година во Токио, каде што ќе се најдат двете најдобри европски селекции. Шансите за тоа уште постојат, но за тоа потребно е САД да ја совлада Франција, а Австралија да биде подобра од Чешка во утрешните четвртфинални пресметки. Во една таква ситуација, единствен европски претставник ќе биде победникот од дуелот помеѓу Шпанија и Полска (15 часот), па потоа Србија, Франција и Чешка ќе водат жестоки пресметки во битката за пласман од 5-8 место.

Ветеранот Луис Скола со 20 поени беше најпрецизен кај Аргентина, каде што одлична партија прикажаа Факундо Кампацо со 18 поени и 12 асистенции и Патрисио Гарино со 15 поени. Богдан Богдановиќ со 21 и Немања Бјелица со 18 поени беа најефикасни кај Србија.

Колку за илустрација за летната доминација на Србите е фактот што до последните два порази имаа низа од дури 14 победи, десет пријателски и четири на Мундобаскетот.