Селекторот Бајиќ не добил косовска виза поради - повеќекратен убиец!

Македонскиот селектор и тренер на Игокеа, Драган Бајиќ не замина со кошаркарите во Тбилиси за мечот против Грузија поради ковид-19, но проблемите почнаа уште пред два дена кога доби забрана за влез во Косово, а денеска конечно пристигна објаснување во српските медиуми зошто предводникот на македонските репрезентативци не можеше да влезе кај нашиот северен сосед.

Косовските власти направиле неверојатна грешка, па Бајиќ го замениле со повеќекратен убиец кој го носи истото име и презиме и се наоѓа на листата на Интерпол поради злодела во Унгарија.

Убиецот е обвинет дека во Будимпешта заедно со унгарски брачен пар ограбил и убил пет луѓе во текот на 2011 година, а потоа успешно ѝ избегал на полицијата и престојувал во Унгарија, каде што користел дури 16 различни имиња.

Македонската кошаркарска репрезентација ќе гостува утре во Тбилиси против Грузија од 16 часот во третиот меч од квалификациите за Светското првенство (СП) во 2023 година.