Првпат во 21. век, македонската кошаркарска репрезентација ќе биде домаќин во Куманово

Македонската кошаркарска репрезентација во август ја очекуваат претквалификации за Светското првенство во 2027 година, а во ФИБА веќе е објавено каде ќе ги пречека своите противници.

Вторпат во својата историја, нашиот национален тим ќе биде домаќин во Куманово, град во кој играше во 1999 година, во квалификации за Европското првенство. Интересно е тоа што тогаш, Македонија ја пречека Унгарија која и сега ни е противник во претквалификациите. Таму, на 2 август ќе играме против Романија, а на 20 август против Унгарија. Во меѓувреме, Македонија ќе им гостува на овие селекции, на 9 август во Солнок на Унгарија, а четири дена подоцна во Орадеа, на Романија.

Првиот меч, на Илинден во Куманово ќе биде официјално деби на новиот селектор Марјан Илиевски. Градот на северот на Македонија е познат по пеколната атмосфера што ја правеше кога Куманово имаше силен прволигаш и се очекува тоа да се повтори и на исклучително важните дуели од претквалификациите. 

Македонската репрезентација последен пат играше надвор од Скопје во 2023 година, во претквалификациите за Европското првенство кога во Гевгелија ги пречека Данска и Норвешка.