„Против Италија без преголем респект и дефинитивно без – бело знаме!“

Кошаркарската репрезентација на Македонија попладнево ќе ги одмери силите со Италија (15 часот) во првиот од двата предвидени дуели во „балонот“ во Талин, каде што ФИБА одредеи да се одигра ноемврискиот циклус од квалификациите за ЕП 2022, меч во кој без разлика на реномето на противникот нашите момци нема да излезат со – бело знаме.

Италијанците се во привилигирана позиција во групата Б, бидејќи играат без притисок со оглед што веќе се пласирани како еден од организаторите на следниот континентален собир, поради што селекторот Мео Сакети игра со драстично подмладен состав, со играчи кои не се премногу познати дури и на италијанската јавност. Но, тоа не ги спречи „аѕурите“ да дојдат до две лесни победи минатиот февруари и тоа дома против Русија и на гости против Естонија, што секако ќе донесе дополнителна сериозност меѓу жолто-црвените.

Селекторот Александар Тодоров е свесен за сето ова и најавува борба без преголем респект за реномираниот противник.

„Свесни сме дека станува збор за силен противник кој со голема леснотија ги совлада и Русија дома и Естонија во Талин. Седум од основните осум играчи кои настапија на тие два натпревари се тука. Верувам дека ќе најдеме одговор за нивната игра. Без разлика што играме против фаворитот број еден во нашата група, со сигурност нема да излеземе ниту со преголем респект кон противникот, а најмалку со кренато бело знаме. Впрочем, синоќешната победа над Данска против огромниот фаворит Литванија и тоа на гостински терен, ни дава за право да се надеваме на добар резултат. Доколку го сопреме нивното најсилно оружје, а тоа е шутот за три поени, пред сè, на четворицата нивни најдобри играчи, Дела Вале, Морети, Витали и Ричи. Фактот дека Италија е директно пласирана на ЕП им дава можност да играат без голем психолошки притисок, слободно, со многу шутирање, дури и во транзиција, затоа нашиот главен фокус треба да биде токму во таа насока“ - анализира Тодоров.

Тодоров има голема благодарност за момците кои се со него во Талин во овие тешки времиња на светска пандемија.

„Имавме многу проблеми при селектирањето на играчите, но исклучително сум задоволен од нивното залагање на тренинзите. Во моменти кога владее пандемија и кога можеа да решат да седат дома, и да не ризикуваат со патување илјадници километри, овие 12 момци покажаа и карактер и патриотизам, за што сум им навистина благодарен. Се надевам дека за сето ова ќе бидат наградени со добар резултат и на двете средби во Талин. Ако не постоеше шанса да победиме, немаше ни да патуваме за естонската престолнина “, дополнува предводникот на Македонија.

Натпреварот против Италија ќе биде директно пренесуван на регионалниот канал Спортклуб 3.