Новата Македонија одигра со срце и храбро, но на крајот потклекна пред Романија (ФОТО)

Кошаркарската репрезентација на Македонија со пораз го почна настапот во претквалификациите за Светското првенство (СП) 2027, откако вечерва, во преполната сала во Куманово, по голема борба загуби од Романија (72-80).

Клучно за гостинскиот триумф беше нивниот фантастичен шут за три поени (14/30), особено што им проработуваше во моментите кога најмногу им требаше. Новата, драстично подмладена, македонска селекција го остави срцето на терен, се трудеше колку што можеше, но не успеа против далеку поискусниот противник. Нашите момци беа во игра за триумф до пред крајот на мечот, кога имаа водство 67-66, но тогаш како да застанаа што Романците го искористија за серија 12-2 и највисоки плус девет (78-69) на влезот во последната минута.

Македонските кошаркари помалку збунето го почнаа мечот, што противникот го искористи и со две брзо тројки да дојде до водство. Таков беше односот на силите до средината на воведниот период, кога жолто-црвените заиграа многу подобро и со девет поени во низа направија пресврт за 16-12 на семафорот. Вториот период повторно донесе доминација на Романците, кои вратија со серија 8-0 и дојдоа до највисокото водство во првото полувреме од плус седум (27-20). Тоа, сепак, не го намали моралот кај избраниците на селекторот Марјан Илиевски, кои со борбена игра, пред се во одбраната, повторно дојдоа до своите пет минути и вратија на идентичен начин со осум поени во низа, што на крајот значеше и минимална, ама исклучително важна предност 32-31 со која се замина на одмор. За ова убедливо најзаслужен беше нашиот Американец, Џејкоб Вајли, кој доминираше на паркетот и кој првите 20 минути ги заврши со 15 поени и пет скока.

Речиси идентичен беше односот на силите и во третите десет минути, во кои нашиот противник одново почна подобро и носен со одличниот шут за три поени (пет тројки во овој дел) брзо дојдоа до ново поопипливо водство (48-42). Но, повторно дојдоа до адекватен македонски одговори, откако нашите момци максимално ги казнија четирите промашени слободни фрлања на ривалот. Тие со шест поени во низа изедначија, а на крајот со нова мајсторија на фантастичниот Вајли дојдоа и до водство (57-55) со кое влегоа во решавачката четвртина.

Вајли со 28 поени, 12 скока и четири асистенции беше убедливо најдобар во нашиот тим, во кој двоцифрен поентерски ефект имаа уште и Адем Мекиќ и Андреј Митревски со по 10 поени. Лукас Тохатан со 21 и Драгос Дикулески со 18 поени беа најефикасни кај Романците.

Македонија е слободна во следното коло, во кое меѓу себе ќе играат Унгарија и Романија, додека следниот меч за жолто-црвената чета е закажан за 9 август на гости кај Унгарците. Пласман во квалификациите ќе обезбедат двете најдобри од трите селекции во групата.