Николов: Кога играме за Македонија не се делиме туку играме како – еден!

Кошаркарот на МЗТ Скопје во изминативе неколку сезони, Кристијан Николов, веќе неколку циклуси по ред е меѓу носителите на играта на репрезентацијата на Македонија, а тоа се очекува и на претстојните дуели со Шпанија (1 јули) и Украина (4 јули), последни од квалификациите за СП 2023.

Тој вели дека сите репрезентативци се свесни како е да се носи дресот со националниот грб и затоа ќе играат максимално за својата држава.

„Ќе дадеме максимум и ќе се бориме за секоја топка. Точно е дека сме подмладени, но тоа не значи дека ќе се предадеме. Секој од нас знае што значи да се игра за Македонија и ветуваме дека ќе го дадеме максимумот. Прв предизвик ни е Шпанија и ќе се бориме до крај. Потоа следи Украина на домашен терен, сакаме победа, затоа што мотивот не е загубен и покрај тоа што сме некомплетни. Ние играме за репрезентацијата и не е важно каков тим имаме, туку мора да бидеме чисти пред себе и да го дадеме најдоброто. Наше е да се бориме до крај. Во овој тим дојдоа и неколку млади играчи, знам за нив дека ќе дадат се од себе. Ние еден на друг не гледаме како млад и стар и не се делиме, туку се гледаме како играчи кои можат да играат за репрезентацијата и затоа се овде“, изјави Николов.

Натпреварот помеѓу Шпанија и Македонија се игра во Сарагоса, додека дуелот против Украина е закажан за во салата „Борис Трајковски“ во Скопје.