Наумоски жестоко реагира: Антиќ да ми се извини за лагите или ќе го тужам!

По реакцијата на Јорданчо Давитков на денешната официјална објава за негова смена од функцијата селектор на Македонија од страна на актуелното раководство на Кошаркарската федерација на Македонија (КФСМ), со жесток одговор на денешните обвинувања за злоупотреба се јави и доскорешниот предводник на макбаскетот, Петар Наумоски.

Тој денеска беше обвинет за злоупотреба на средства на федерацијата на месечно ниво и тоа за плаќање магацински простор кој популарниот Пеце го користел и за приватни цели, а тоа чинело 500-600 евра месечно.

„Прво би сакал да ги информирам дека ке добијат допис од моите адвокати за јавно да се извинат за изнесените превртени зборови и работи. Доколку не го сторат тоа, ќе си добијат соодветна тужба па нека го докажуваат на суд тоа што го зборуваат. Јас само би ги прашал: Дали федерацијата имала, има и ќе има потреба од магацински простор? Дали користела магацински простор“, се вели на почетокот од реакцијата на Наумоски.

Веднаш потоа следи детален одговор на поранешниот претседател на КФСМ.

„Јас имам магацински простории во изобилие, што во моја сопственост и што во владение на мои блиски луѓе, така да нема потреба некој во минатото или во иднина да ми плаќа таков простор. Во првата година од моето работење, јас дел од тој простор отстапив гратис поради лошата финансиска состојба на самата федерација. Сето тоа зашто јас и мојот тим истата ја гледавме како наша блиска, а и сакавме да ја тргнеме повеќегодишната блокада и да ги расчистиме долговите. Промената на состојбата за мојата помош околу гратис магацинскиот простор траеше сѐ додека група на луѓе не тргна да ме менува поради правилото за шест странци. Тогаш, во разговор со техничкиот секретар Соња, таа ми рече: 'Пеце, гледаш дека колку и да правиш добро за кошарката, други секогаш ќе те плукаат и ќе бараат твоја смена'. Револтиран и отрезнет, решив целосно да работам во интерес на кошарката, но не гратис и со подароци. Нам секако ни требаше магацин, работите беа на три локации, од кои на две од нив целосната магацинска опрема на федерацијата, па со Соња се договоривме месечниот износ да не биде поголем од 30.000 денари, а вкупната површина беше преку 550 метри квадратни (што значи ниту едно евро по метар квадратен). Вистината е дека во едниот од магацините имаше и мои лични работи, што влијаеше цената да биде толку ниска. МКФ плаќала за нешто што имала потреба и би требало да закупи простор на друго место. Важно е дека не станува збор за измислен трошок“, објаснува популарниот Пеце.

Тој објаснува и што се случило со двојното плаќање на семафор, како што денеска беше презентирано од актуелното раководство.

„Комуникацијата за плаќање на фактурата ја имаше Соња, нејзиниот компјутер беше хакиран и тука се случи проблем околу тоа плакање (инаку во тој период имаше многу вакви случаеви во овој дел на Европа со огромни суми на пари). Нормално, ние пријавивме во полиција, во Интерпол, дојдоа службени лица и тие констатираа дека компјутерот бил хакиран, а за сето ова си има пријава и целосна документација. Прашањето е дали некој е малоумен кога изнесува обвинувања и невистини или пак немало извештај од ревизорската кука за таквата пријава. Сигурно не сме ние глупави и луди двапати да плаќаме нешто, да имаме некаква корист од тоа и сами да се пријавуваме во полиција и во Интерпол?“, се чуди Наумоски.

На крајот, поранешниот предводник на македонската кошарка вели дека денешното презентирање на ревизорскиот извештај е само потврда дека тој работел легално и легитимно.

„Сето ова се вика и се опишува со еден умерен збор – неспособност. Разочарани се бидејќи по долго најавуваната ревизија и очекувања за кој знае какви малверзации, паднале во очај бидејќи нема никакво незаконско работење, а уште помалку оштетување на буџетот на федерацијата, буџет што сам, со мала помош на УО, го наоѓав како што знам и умеам. Во изминатите четири месеци се донесени глупави, несмасни, неискусни и антикошаркарски одлуки, што навистина ретко која раководна структура можела да ги направи“, поентира Петар Наумоски.

Ова е само нов дел од сагата помеѓу двајцата најдобри македонски кошаркари во историјата, кои со години наназад се препукуваат, најчесто преку социјалните мрежи.