Македонски репрезентативец го напушта клубот поради многу - неисплатени плати!

Поранешниот кошаркарски репрезентативец на Македонија, Џордан Теодор, кој неодамна изрази желба за враќање во жолто-црвениот состав, е пред заминување од турскиот прволигаш Бешикташ, а причина за тоа се неколкуте неисплатени плати, пишува весникот Хуриет.

Американецот, кој од пред скоро три години има и македонски пасош, е еден од најдобрите во тимот од Истанбул, со просек од 13,7 поени и 6,8 асистенции во турската лига и 11,8 поени и 5,6 асистенции во Лигата на шампионите на ФИБА. Финансиските проблеми кои изминатиов период го зафатија турскиот спорт, пред сѐ поради големиот пад на лирата, не го одмина ниту Бешикташ, поради што Теодор го загуби трпението и реши да си замине, а долговите да ги наплаќа преку арбитражната комисија на ФИБА односно таканаречениот БАТ.

Ова нема да биде првпат плејмејкерот својот труд да го наплати преку БАТ, од каде што пред извесно време доби позитивна пресуда во спорот со италијански Армани џинс, каде што настапуваше пред некоја сезона. „Македонскиот Џордан“ во дресот со националните обележја одигра четири натпревари во претквалификациите за СП 2019 и тоа на двапати против Естонија и Косово. Неговиот настап и однесување беа далеку под очекувањата поради што повеќе не доби покана да настапи за Македонија.