Македонското чудо во Литванија е најголемото изненадување во баскет-историјата (ВИДЕО)
Моментите од оваа средба и легендарната тројка на Владо Илиевски се длабоко врежани во сеќавањата на сите спортски вљубеници во нашата држава, а на клучните моменти од овој меч потсетија и од Светската кошаркарска федерација (ФИБА) преку својот профил на социјалните мрежи.
„Најголемото изненадување во историјата на европските првенства? Пред десет години, Македонија и Владо Илиевски ја шокираа Литванија“, пишува во објавата на ФИБА.
Четвртфиналниот натпревар се одигра на 14 септември 2011 година во преполната сала во Каунас, каде што нашите момци имаа подршка од неколку стотици френетични навивачи, кои еуфорично ја прославија најголемата спортска победа во историјата на овој спорт кај нас. Успехот беше легендарен, исто како и безвременската изјава на јунакот Илиевски.
„Леле луѓе, што направивме! Радувај се Македонијо“, извика легендарниот бек во преносот и го дополни историскиот успех со уште еден сегмент што вечно ќе се памети.
Жолто-црвените играа полуфинале со Шпанија во кое загубија со 80-92, а потоа во „малото финале“ беа поразени од Русија (68-72).