Македонската кошаркарска репрезентација претрпе убедлив пораз од Шпанија (65-94) на стартот од квалификациите за СП 2023 во солидно пополнетите, според важечките норми и протоколи, трибини во салата „Јане Сандански“ со навивачи кои и покрај катастрофата често знаеја да скокаат од радост.

Причина за насмевките на нивните лица, дури и во моментите кога жолто-црвените губеа со повеќе 30 поени разлика, беше играта на 17-годишниот Теодор Симиќ. Станува збор за најталентираниот македонски кошаркар во моментов, кој игра за Барселона и кому му предводуваат светла иднина, а кој влегува во историјата како најмлад репрезентативец кој бил најефикасен на еден официјален меч на националниот тим.

Тој, неочекувано, беше најефикасниот во нашиот состав со 19 поени, погодувајќи речиси и сите позиции. Реализираше тројки, двојки, играше како класичен центар, но и како подвижен бек, покажувајќи дека уште сега може да се наметне како еден од лидерите во репрезентацијата. Тој беше причина поради која присутните во салата си заминаа дома делумно задоволно и покрај дебаклот, знаејќи дека со ваков центар многу скоро може да дојдат далеку подобри денови за македонската кошарка.